Фриленсери: Работат од каде сакаат, за повеќе работодавци истовремено и немаат шеф над глава

-Веќе три години, креветот е мојата канцеларија. Работам на интернет, како пишувач на статии од областа на здравјето. Колку ќе работам, толку ќе заработам. Кога сакам правам пауза, кога сакам работам. Работам и од кревет, и кога сум надвор... Буквално се ми е дозволено. Платена сум според текст. Заработката е одлична, вели Марија.

Фриленс работата станува сѐ попривлечна за егзистенција, но и за  дополнителна заработка. Во Македонија има голем број на тие коишто се ангажирани на интернационалните фриленсинг платформи, велат познавачите.

-Јас две години работам како фриленсер. И тоа не само една рабоа. Работам за повеќе работодавци истовремено. Нив не ги интересира тоа. Тие сакаат само готов проект за договореното време. Си плаќаат како што треба, никогаш не прават проблеми, имаат разбирање за тебе. Во Македонија, можам да сонувам за таа плата. Не ми пречи воопшто што сум сам дома. Не ми стои никој над глава, не патувам до работа и назад. Станувам кога ќе се наспијам, завршувам кога јас ќе си одлучам. Сега за сега не сум во план да ја менувам оваа професија, раскажува Александар.

Привремената хонорарна работа или фриленсинг се повеќе станува начин како да заработат за живот невработените, но и оние кои веќе работат, а сакаат да ги зголемат личните примања или семејниот буџет.

Во Македонија има многу потенцијал, но и потреба поради високата невработеност да се избере ваквиот начин на егзистенција, посочуваат експертите во ова област.

Платформата освен за фриленсерите е можност и компании од цел свет, во Македонија, да најдат некој кој ќе им изработи одреден проект.

Привремените проекти на кои работат се можност за заработка, но уште повеќе и стекнување искуство по кое може да се најде условно речено постојана работа.

Соединетите Американски Држави важат за земја каде најмногу можности за работа имаат македонските фриленсери.

Некогаш сте се запрашале колку фриленсери има во светот? Што прават или од кои земји се?, пишува analyticshelp.io.

Фриленс како кариера најмногу се шири во Србија, каде што има 3.52 фриленсери на 1000 луѓе кои живеат таму.

Потоа следува Македонија со 3.41 фриленсери на 1000 луѓе, Јамајка со 2.43 лица и Ерменија со 2.18 луѓе од 1.000 жители. 

САД се рангираат на 5-тото место со 1.72 фриленсери на 1000 луѓе, додека Црна Гора и "Босна и Херцеговина" се рангираат на 6-то и 7-то место со 1.58 и 1.55 фриленсери на 1000 луѓе.

САД имаат најголем број фриленсери - 558.965, од кои 13,90% или 77.677 се активни во изминатите 3 месеци. Потоа следува Индија со 245.342(од кои 14% биле активни во изминатите 3 месеци) и Филипини со 162.233 фриленсери. 

62,442 има Пакистан, 55,449 има Бангладеш, 53,889 Обединетото Кралство, 53,529 фриленсери има Украина, 44,534 има Русија, 41,170 во Канада, 33,610 има Египет. 

Понатаму на листата, 24.605 фриленсери има соседна Србија, а зад неа е Бразил со 21,028 фриленсери. 

Австралија има 21,018 фриленсери, 19,032 има во Индонезија, 18,042 во Кенија, 16,731 во Романија, во Италија во 14,027 и во Малезија 13,335 фриленсери.