Францускиот предлог објавен на веб страницата на Владата

На владината веб страница поладнево е објавен францускиот предлог за отстранување на бугарското вето и за старт на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската унија.

Францускиот предлог во интегрална форма беше објавен веднаш по средбата на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на партиите од владината коалиција.

Ковачевски најави дека ќе се отвори процес на широки консултации, кој ќе се одвива транспарентно, а јавноста во детали ќе биде запознаена со сите следни чекори.

– Со владината коалиција денескa разговараме за европскиот предлог врзан со евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија кој вчера пристигна во МНР и за процесот за консултација кој следи понатаму. Секоја одлука поврзана со предлогот ќе ја носиме заеднички и преку широк консултативен процес, напиша Ковачевски на фејсбук.

Во текот на денот, покрај средбата со коалицијата, ќе се одржат низа консулатации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.

Премиерот повика на одговорност од сите релевантни чинители во општеството, бидејќи, како што нагласи, шпекулации за важни државни и национални прашања не одат никому во прилог, наведува Ковачевски.

Ковачевски апелира до сите политички актери и медиумите да се потпираат на официјалните информации од институциите и побара конструктивност и поддршка од сите чинители за да се донесе мудра одлука во интерес на сите граѓани.