Во многу градови јавниот простор е преплавен со реклами, светлечки екрани и билборди кои постојано се натпреваруваат за нашето внимание. Но францускиот град Гренобл избра поинаков пристап – да го намали она што го нарекува „визуелно загадување“.

Фото: Peter Yeung
Еден од најновите примери е улицата Кур Лафонтен, која целосно е преуредена. Наместо масивен бетонски блок и рекламни столбови, денес таму има широка велосипедска патека, нов дрворед и отворен поглед кон Алпите.
„Нашите животи се преплавени со реклами и потрошувачки пораки кои негативно влијаат врз општеството и начинот на кој живееме. Сакаме тоа да го намалиме колку што е можно повеќе“, вели Жил Намир, заменик-градоначалник задолжен за квалитетот на животот, биодиверзитетот и мобилноста.
Според градските власти, визуелното загадување не се однесува само на големиот број реклами, туку и на непривлечните урбани елементи кои го нарушуваат јавниот простор. Тие предупредуваат дека постојаната изложеност на комерцијални пораки може да поттикне прекумерна потрошувачка, да влијае врз менталното здравје и да придонесе за ширење на стереотипи и сексистички претстави.
Иницијативата за намалување на визуелното загадување во Гренобл започнала пред повеќе од една деценија. Во 2014 година, тогаш новоизбраниот градоначалник Ерик Пјол одлучил да не го продолжи договорот со компанијата која управувала со стотици билборди низ градот. По истекот на договорот, градските власти демонтирале 326 рекламни објекти – големи билборди, рекламни столбови и други рекламни површини, кои зафаќале повеќе од 2.000 квадратни метри јавен простор.
На местото на многу од нив биле засадени дрвја, а со овој потег Гренобл станал првиот град во Европа што забранил билборди на јавни површини.
„Не сакаме реклами за алкохол, автомобили, брза храна или пораки што ги прикажуваат жените како сексуални објекти“, вели заменик-градоначалникот Жил Намир.
Според градските власти, јавниот простор не треба да биде место каде што граѓаните постојано се изложени на комерцијални пораки, туку простор што придонесува за подобар квалитет на живот, повеќе зеленило и помалку непотребни визуелни дразби. Наместо да го исполнува градот со нови рекламни површини, Гренобл инвестира во дрвја, велосипедска инфраструктура и попријатни јавни простори за пешаците. Гренобл веќе се смета за пример што го следат и други европски средини кои сакаат да создадат помирна, позелена и похумана урбана средина.