Силно невреме попладнево го зафати главниот град, предизвикувајќи проблеми во сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија.
Силен пожар попладнево изби над Нерези и поради силниот ветер забрзано се шири кон Водно.

Во населбата Капиштец, на главната сообраќајница кај АМСМ, паднало дрво и целосно ја блокирало коловозната лента. Според информации од очевидци, полициски и комунални служби се на терен и работат на расчистување за нормализирање на сообраќајот.
Граѓаните на социјалните мрежи јавуваат и за повеќе пожари низ Скопје, предизвикани од искрење на електричните жици. Во исто време, половина од населбата Волково останала без струја, што дополнително ги зголемува проблемите на жителите.

Засега нема информации за повредени лица, но граѓаните апелираат на внимателност и да се избегнува движење покрај високи дрвја и електрични столбови додека трае невремето.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека западниот дел од земјата е зафатен од нестабилно време со дожд, грмежи и засилен ветер, додека во централниот планински дел има појава на пороен дожд, грмежи, засилен ветер и суградица.