Фотографии и пораки полни емоции: Љубовта треба и мора да биде посилна од агресијата

Фотографии и видеа од трагедијата, пораки за солидарност и надеж, апели да застане ова воено лудило... Цела Европа и целиот свет се шокирани од настаните во Украина каде веќе се бројат првите човечки жртви...

Гласот за мир, правда, солидарност се крена и кај нас на социјалните мрежи.

Вчера, кога утрото донесе тажни вести за нападите врз Украна од руска страна, вирално се рашири фотографија од вљубена млада двојка покриени со знамето на Украина и знамето на Русија.

Русинката Јулијана Кузњецова и нејзиниот свршеник во 2019 година биле на концерт на белорускиот музичар Макс Корж во Варшава. Таа во еден момент ги забележала руското и украинското знаме во публиката и ја добила идејата за фотографијата.

Имено, нејзиниот тогашен свршеник е Украинец. Тие се завиткале со знамињата, се фатиле за раце и така позирале.

– Немавме политички намери со оваа фотографија. Но, кога фотографијата се рашири на интернет, сфатив: можеби таквата фотографија ќе им даде надеж на луѓето. И верувањето дека сѐ може да биде во ред, без разлика на сѐ. Љубовта може да победи се, рекла Јулијана во 2019 година за „Вашингтон пост“.

Друга моќна фотографија која порачува дека љубовта треба и мора да биде посилна од агресијата е фотографијата која ја сподели позната инфлуенсерка, актерка и водителка Регина Тодоренко која е од Украинка по потекло, но живее, работи и твори во Москва.

Таа е мажена за познатиот руски пејач Влад Топалов, со кого имаат 4-годишно момче.

-Господе, нека нашите деца растат во мир, во општество со љубов, меѓусебно разбирање..., порача таа споделувајќи фотографија од нивното семејство.