Фото: Завршија првите фази од реконструкцијата на Пластичарска и булеварот АСНОМ

Со нанесување на завршниот асфалтен слој, викендов, екипите на Град Скопје ја финализираа првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, односно познатата Пластичарска улица. Скопје добива уште една современа сообраќајница која има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило.

Изминатиов период интензивно, со засилено темпо и ноќно работење се реконструираше и прошири овој булевар којшто е еден од најважните сообраќајници во Скопје бидејќи поврзува 4 општини - Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош. Затоа, оваа реконструкцијата е посебно значајна и од особен интерес за граѓаните кои во голем број секојдневно се движат и поминуваат во овој фреквентен дел од градот.

Градежните работи викендов се изведуваа на потегот  од крстосницата со ул. Самоилова во близина на Амбасадата на САД до влезот во касарната „Илинден“, а со реконструкцијата на улицата од клучката Бит-пазар во вкупна должина од 1.440 метри, Скопје доби уште едно ново булеварско решение.

На  улицата досега беше изведена комплетно нова атмосферска канализација која не постоеше, а се изврши и целосна реконструкција и на другите подземни инсталации.

Во тек е проектирањето на втората фаза која ќе опфати градежни активности на потегот од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, како и изградба на голема клучка кај Тетовска трошарина. 

Екипите на Град Скопје, со нанесување на последниот асфалтен слој на коловозот на булевар АСНОМ во општина Аеродром, викендов исто така ја завршија првата фаза од реконструкцијата на овој булевар на потегот од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак.

Проширениот булевар добива по 3 коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот и средишно зеленило.

По завршувањето на оваа фаза, булеварот преку новиот мост, којшто е веќе во изградба, треба да се поврзе со населбата Ќерамидница во општина Гази Баба, а оттука и Аеродром ќе добие нова сообраќајна релација кон Центар кај поранешен Скопски саем.