
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски сподели дека денес, заедно со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, го започнуваат со изградба мега паркот на булеварот „Христијан Тодоровски - Карпош“.
Запуштениот простор долж булеварот „Христијан Тодоровски - Карпош“ ќе прерасне во модерен и функционален зелен простор — мега парк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес-зони, со содржини наменети за сите возрасти.

„Инвестицијата во зелени површини е инвестиција во здравјето и иднината на градот. Заедно со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски следи вистински инфраструктурен бран во општина Бутел. Ќе изградиме кружен тек на крстосницата меѓу улиците „Бутелска“ и „Александар Урдаревски“, како дел од стратегијата за уредување на 50 критични крстосници низ Скопје“, истакна Костовски.

Паралелно со тоа, Костовски посочи дека ќе следи и целосна реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“ со нов асфалт, модерни пешачки патеки, улично осветлување и атмосферска канализација, која конечно ќе го реши долгогодишниот проблем со поплави.

„Меѓу пошироките проекти што следуваат се реконструкцијата на Стариот Качанички пат и развојот на Економската зона Визбегово, како и ревитализацијата на реката Серава со уредени зелени коридори, велосипедски и пешачки патеки. Општина Бутел и Град Скопје ќе се развиваат модерно и урбано!“, порача тој.