ФОТО: Започнува реконструкцијата на „Васко Карангелевски“ во Аеродром

Градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски на денес го најавија почетокот на реконструкцијата на улицата „Васко Карангелевски“, на потегот од раскрсницата со булеварот Јане Сандански до раскрсницата со булеварот АСНОМ (СЦ „Јане Сандански“ и хотел Русија).

Станува збор за целосна реконструкција на коловозот, промена на целата асфалтна конструкција со санација на рабниците и тротоарите, во вкупна должина од 600 метри.

За овој градежен зафат Градот Скопје ќе вложи 7,8 милиони денари, а се очекува градежните работи да завршат до септември.

Реконструкцијата на оваа улица значително ќе ги подобри условите во сообраќајот на оваа сè пофреквентна сообраќајница и ќе им го олесни пристапот на жителите до зградите, а што е најважно ќе придонесе за зголемување на безбедноста.

-Би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот Трајановски за оваа инвестиција што за граѓаните значи подобрување на условите за живот и да потенцирам дека ова е доказ за плодната соработка на Општина Аеродром со Град Скопје, особено во делот на изградба и реконструкција на инфраструктурата, која е од витално значење за урбаното живеење, изјави градоначалникот Коневски.