ФОТО: Започна реконструкцијата на булеварот „Партизански одреди“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска изврши увид во почетокот на градежните работи од реконструкцијата на булеварот Партизански одреди.

Станува збор за реконструкција на коловозот на булеварот на потегот од раскрсницата со улицата Франклин Рузвелт до раскрсницата со булеварот 8.Септември.

- Градот Скопје почнува со реконструкција на булеварот Партизански одреди на потегот од раскрсницата со улицата Франклин Рузвелт до раскрсницата со булеварот 8.Септември. Ова е втор дел од проектот за реконструкција на коловозот на булеварот Партизански одреди, каде пред неколку години го реконструиравме делот во Општина Центар, од соборниот храм „Свети Климент Охридски“ до крстосницата со улицата Френклин Рузвелт. Дополнително во 2015 година и го пробивме и доизградивме булеварот Партизански одреди до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров, со што овој булевар беше изграден во целата негова должина. Со оваа реконструкција ќе се изврши гребење на постоечкиот и нанесување на два слоја на асфалт на шесте летни на потег во должина од околу 900 метри, или околу 1.900 метри во двата правци. Рокот за изведбата е 90 дена, но се надевам дека истите ќе завршат побрзо и пред почетокот на училишната година. Како и претходните, така и оваа година летниот период ќе се искористи за поголема градежна офанзива поради летните одмори и намалената фреквенција на луѓе и ќе се реализираат голем број на капитални инфраструктурни проекти на територијата на сите 10 општини во Скопје – кажа градоначалникот Трајановски.

На реконструкцијата на бул. Партизански одреди ќе работат екипите на градежната компанија „Бауер БГ“, а за овој зафат Градот Скопје ќе одвои околу 29,2 милиони денари.

Реконструкцијата на коловозот на булеварот Партизански одреди на потегот од раскрсницата со улицата Франклин Рузвелт до раскрсницата со булеварот 8.Септември ќе придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Градот апелира до сите учесници во сообраќајот да се придржуваат на времено поставениот режим на сообраќај и брзината на возење да ја приспособат на условите на патот.