Фото: Замислете некој да го остави тротинетот сред коловозна лента

„НаТочак“ реагира поради однесувањето на поединци кои ги користат електричните тротинети низ главниот град.

На нивниот профил на фејсбук беше објавена фотографија како тротинет е оставен сред велосипедска патека и го блокира движењето на велосипедистите.

-Од 19.05.2023, во Скопје е пуштена во употреба услугата на турската компанија Bin Bin за изнајмување на електрични тротинети. Од достапните јавни информации, во оптек се 500 електрични тротинети, кои поради условите за користење, деновиве можете да ги забележите насекаде, буквално.

Услугата се стартува преку мобилна апликација и според упатството за користење, тротинетот може да се земе и остави било каде, значи било каде. Борбата за Скопје функционален Велоград, со слободни и безбедни велосипедски површини треба да е постојана. Со ова ставање на располагање на една приватна компанија, на сите јавни површини, без никаков ред, е во судир со зголемена безбедност во сообраќајот.

Имено, сликата во прилог говори сѐ. Тротинет оставен на средина на велосипедска патека, каде се одвива велосипедски сообраќај. Оваа дозвола од страна на надлежните институции, за прекршување на општите сообраќајни правила кои важат за сите, директно ја намалува безбедноста. Замислете ако некој утре добие идеја тротинетот да го остави на средина на коловозна лента на некој булевар, велат од „НаТочак“.