
Кон почетокот на 20 век, градскиот начин на живот почнал да навлегува во секоја куќа. Носијата на доселениците од разни краишта во Скопје, постепено се напуштала. Промената во облекувањето имала важно значење во склучувањето на бракови помеѓу жителите од различни скопски маала, бидејќи некои од нив носеле специфична облека од местата од каде што се доселиле. Така, жителите од Дебар маало со носијата од дебарскиот крај, се разликувале од другите жители на Скопје. Според тоа, за девојка од Дебар маало да се омажи во некое друго скопско маало, таа морала да ја промени својата носија која со години ја приготвувала како чеиз.
Од тие причини била прифаќана градската облека. Интересен е фактот дека промени во облекувањето главно се забележувале кај мажите кои се занимавале со трговија и печалбарство или престојувале во европски градови заради школување.

Но, тоа не значи дека градската мода во Скопје се појавила во периодот помеѓу двете светски војни, туку таа била присутна уште во 19 век, особено во втората половина. Но, во периодот помеѓу двете светски војни почнала да исчезнува ориенталната мода, особено кај христијанското население.

Прифаќањето на европската мода пред сé било резултат на развиените трговски врски на Скопје со европските центри. На пример, скопјанецот Ѓорги Попов не носел фес, туку цилиндар и пелерина според манирите на европските метрополи. Скопските жители се разликувале по верска припадност што се огледувало и во начинот на облекување.
Целиот овој краток историски осврт силно укажува дека скопските „мангупи“ секогаш имале чувство за мода и стил.

Низ фотографии кои можат да се најдат на интернет, како и фотографии споделени од членови на фејсбук групата „Стари Скопјани“ може да се забележи како еволуирале модата и „мангуплукот“ на скопјани низ дваесетиот век.
