(ФОТО) Во поштенски пратки со кутии за ЦД-а: Спречен обид за шверц дрога - цариниците постапиле по разузнавачка информација

Од Царинската управа денеска информираа дека по разузнавачка царинска информација, спречиле обид за неовластен промет со дрога којашто државјанин на САД се обидел нелегално да ја внесе во државава преку поштенски пратки со ДВД ЦД-а коишто пристигнале во ЦИ Пошти од Франција.

Од таму посочуваат дека по пристигнување на пратките во ЦИ Пошти, наменети за лицето Ј.Е., царинските службеници извршиле контрола со скенер за поштенски пратки, при што била детектирана сомнителна содржина.

Повикан бил мобилен царински тим и царинско куче, коишто преземале соодветни дејствија, при што по тестирање на содржината со специјална опрема било утврдено дека во четирите пратки се наоѓа наркотична дрога, и тоа метамфетамин со тежина од 12,5 грама, МДМА со вкупна тежина од 20 грама и кокаин со тежина од 8 грама.

„Случајот е предаден на понатамошна постапка на Одделението за истраги, од каде се преземени предистражни дејствија. По налог на јавен обвинител, инспектори за спроведување истраги, во моментот на примопредавање на пратката, го приведоа лицето Ј.Е. и извршија претрес на домот каде живеел заедно со сопругата. При претресот дополнително се пронајдени две стаклени шишенца со зелена растителна материја со интензивен мирис, две стаклени лулиња за пушење марихуана и 33 ампули тестостерон“, посочија од Царина.

Додаваат дека дрогата пронајдена во поштенските пратки и домот на лицето била одземена и испратена на вештачење, а против лицето ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.