
Царинските службеници на граничниот премин Табановце, при влез во државата, спречиле обид за криумчарење 348 грама златен накит, во вредност од 1,3 милиони денари.
Од Царинската управа информираат дека случајот бил откриен при детална контрола на автомобил со кој патувале сопружници, македонски државјани со живеалиште во Белгија, при што во чантата на сопатничката биле пронајдени 26 парчиња златен накит.

„Против неа, Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво согласно Кривичниот законик“, додаваат од Царина.
Од таму воедно посочија дека годинава биле откриени 13 случаи на криумчарење злато, при што се запленети повеќе од 2,5 килограми златен накит и златни монети.