(ФОТО) Вандализирано детско игралиште во Кисела Вода: Реквизитите полеани со моторно масло

Во Фејсбук групата „Кисела Вода - Пријави Проблем“, синоќа скопјанка алармираше за вандалски чин на детското игралиште на улицата „Ѓорги Сугаре“, веднаш до зградата „Дабар“, каде, според објавата, непознато лице ги полеало детските реквизити со моторно масло.

Во нејзината објава, скопјанката Биле јавно му се обрати на несовесниот граѓанин и сторител на овој чин, со прашањето „Дали сега помирно ќе спиеш и дали совеста ќе те копка?“

Меѓу другото, таа порача дека се надева дека нешто ќе биде превземено за детските реквизити да бидат вратени во првобитна состојба.

„Вака јавно да го прашам тој што детските реквизити ги истури со уље во паркчето каде што дечињата од најмали до најголеми се радуваат, дали сега помирно ќе спиеш,дали совеста ќе те копка? Не бе другари, не е до државата, не е до општината до нас е. И после зошто младите не раѓале, зошто си заминувале од државата. Од вакви покондурени како тебе!!!!! Лизгалкиве се наоѓаат на ул. Ѓорги Сугаре веднаш до зградата на Дабар. Се надевам дека некој ќе превземе нешто и ќе ги врати во првобитна состојба“, гласеше нејзината објава.

Во прилог на објавата, таа сподели и неколку фотографии, на кои што може да се забележи дека освен детските реквизити, испрскани се и околните клупи.