(ФОТО) Уште недовршена, а веќе е вандализирана теретаната на отворено во Паркот на франкофонијата

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска се огласи по вандалски чин во кој, како што информираше, дел од реквизитетите и опремата во отворената теретана во Паркот на франкофонијата е оштетена.

„На кого му пречи, навистина? Катчето за рекреација, направено на барање на жителите, со новата современа теретана што ја поставивме пред само една недела во Паркот на франкофонија, утрово го затекнавме уништено. Уште недовршена, теретаната веќе е вандализирана. Некој преку ноќ се обидел да ги запали реквизитите, а вреќата за бокс ја исекле со нож и целосно ја уништиле“, информира Герасимовски.

Тој посочува дека наместо простор за рекреација, некој избра деструкција. Сепак, рече дека случајот е пријавен во МВР.

„Апелирам сите да го чуваме јавното добро, овој простор е создаден за жителите и за сите што сакаат спорт и дружење, а не за уништување, апелираше Герасимовски.