(ФОТО) Србин сакал да сокрие 94.000 евра кеш на Табановце - 84.000 евра му заплениле, а 10.000 му биле вратени

Царинските инспектори од мобилните тимови од Секторот за контрола и истраги на граничниот премин Табановце во текот на вчерашниот ден запленија девизи кои српски државјанин имал намера нелегално да ги изнесе од државава, информираат од Царинската управа.

„Поради сомневање во изјавата која ја дал патникот дека нема што да пријави и дека со себе носи помалку од 1.000 евра, царинските инспектори извршиле детална контрола на возилото и притоа на совозачкото седиште под машка јакна во црна рачна торбичка се пронајдени 44.000 евра, а во багажниот простор на возилото во црна кожна ташна биле пронајдени дополнителни 50.000 евра или вкупно 94.000 евра за кои лицето не поседувало документ за потекло на парите и не ги пријавило, се вели во објавата на Царинската управа на социјалните мрежи.

На лицето му биле вратени 10.000 евра, сума која согласно Законот за девизно работење нерезидентите можат без да пријават да ja изнесат од државава, а останатиот износ од 84.000 евра се привремено одземени.