(ФОТО) Се наздравувало ли со виски на Инфективна? Алиу во понеделник ќе го викне директорот на Клиниката да дознае што се случувало

Фотографии на кои се гледа празно шише виски на маса во Клиниката за инфективни болести и директорот д-р Фадил Цана пред него, отвораат прашања дали е дозволено во здравствена установа да се внесува и консумира алкохол за време на прослава на вработени, пишува порталот „Скопје1“.

Порталот пренесува дека откако дошле до фотографиите, побарале одговори од директорот Цана за тоа дали е дозволено внесување и консумирање алкохол во Клиниката од страна на вработените, колку лица присуствувале на прославата, дали меѓу нив имало вработени кои биле на смена и како било испиено целото шише виски, од каде добиле образложение во кое, како што се наведува во текстот, не се негирало дека се пиело алкохол.

„Стануваше збор за кратко пригодно честитање по повод успешната одбрана на докторската дисертација на наша вработена. Моето присуство и фотографирање со колешката претставуваше израз на институционална поддршка за нејзиниот академски успех. Клиниката не дозволува постапување што би го нарушило работниот ред, професионалните стандарди или безбедноста на пациентите. Според информациите со кои располагам, работниот процес и здравствената грижа во ниту еден момент не биле нарушени и не постојат сознанија за прекршување на внатрешните правила. За тоа постојат бројни очевидци и сведоци кои можат да ја потврдат фактичката состојба. Поединечни фотографии не можат да бидат основа за изведување заклучоци за настанот во целина или за постапувањето на присутните. Очекувам известувањето да се темели на проверени факти и на целосно утврдена фактичка состојба“, изјавил директорот за „Скопје1“.

По дополнителното инсистирање да одговори конкретно на поставените прашања, Цана останал на истиот став.

„Скопје1“ пишува дека побарале став и од министерот за здравство Азир Алиу, кој одговорил дека ќе го повика директорот во понеделник за да види што се случувало.

„Ќе го повикам директорот во понеделник и ќе видам што се случило. Секој треба да одговара за пропусти во државните институции“, кусо одговорил за „Скопје1“ министерот Алиу, кој додал дека по разговорот ќе ја информира јавноста.

ФОТО: Скопје1