
Националниот парк Шар Планина денеска сподели нова радосна вест. Нивните трап-камери неодамна регистрирале две нови единки на балкански рис.
„На нашите трап-камери, на територијата на Паркот, неодамна се регистрирани две нови единки од балкански рис. Истите се забележани при вршење на редовен мониторинг, на делот од територијата кој административно припаѓа на Општина Врапчиште. Со ова, бројот на идентификувани единки од рис се зголемува од 3 на 5“, информираат од НП Шар Планина.

Во објавата на Фејсбук, од Националниот парк посочија дека двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина.
„Благодарение на заложбите на тимот на ЈУ Национален Парк Шар Планина, бројот на дивите животни, а особено на рисот, е во пораст, што го потврдува позитивниот ефект од мерките за заштита на природата. Продолжуваме посветено да се залагаме за заштита на дивиот свет и унапредување на екосистемите на Шар Планина“, нагласија од Националниот парк.