
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека од утрово, започнале со работа со силна механизација: 11 скипови, 2 багери и 25 камиони, кои на терен работеле со полн капацитет.
Таа посочи дека акцијата опфаќа над десет критични точки на територија на општината.
„Со нивното расчистување не само што го враќаме убавиот лик на општината, туку пред сè, преземаме конкретен чекор за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Отстрануваме огромни количини отпад кој ја загадува почвата и природата во Припор, во Драчево, кај Теферич, кај Охис, кај селото Аџево и на низа други локации“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Во објавата на Фејсбук, додава дека овој голем потфат бил резултат на заедничка работа, при што, покрај нивните општински сезонски работници и екипите на јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“, огромна благодарност таа упати и до општествено одговорните компании кои се вклучиле и ја отстапиле својата механизација.
„Борбата за чиста животна средина е континуиран процес. Оваа масовна акција е огромен чекор напред кон враќање на редот во Кисела Вода, но за да ја задржиме хигиената, неопходна ни е поддршката од сите. Општината е тука, работи интензивно на терен, но само со заедничка грижа и одговорност ќе спречиме повторно создавање на овие грди слики. Продолжуваме посветено да работиме за почиста и поубава Кисела Вода“, порача градоначалничката.