ФОТО: Опасно свлечиште се формира во скопски Аеродром

Со импровизирани табли и знаци за забранет пристап се предупредуваат жителите на дел од зградите покрај булеварот „Трета македонска бригада“ каде синоќа поради обилните врнежи се формира свлечиште од кое голем дел од паркингот, како и блиската улица во изградба се урнаа во длабока јама ископана за изградба на нова зграда, јавува Телеграф.мк.

ФОТО: Телеграф.мк

Станарите на блиската зграда успеаја доцна вечерта да ги отстранат своите возила од паркингот кој се уриваше пред нивни очи. Во исто време се урна и голем дел од улицата која е во изградба и поминува покрај оградата од касарната во Аеродром. Свлечиштето со себе ги повлече и цевките од водоводната мрежа, како и дел од шахтите поставени за канализација.

– Направивме сè што можеме за да го обезбедиме теренот. Сепак се работи за голема стихија која не беше возможно да се контролира – велат од фирмата која ја има ископано јамата за поставување темели за новиот станбен објект, пренесува порталот.