
Навивачката група на спортскиот клуб Вардар - „Комити“ за време на вечерашниот натпревар на Вардар упати остри критики кон Управата на клубот, предводена од Миленко Неделковски, при што најави бојкот и повика на обединување на сите навивачи.
Од трибините „Комитите“ во текот на натпреварот пееја навивачки песни, меѓу кои и „Наш е Вардар, наш ќе остане“, со која испратија јасна порака за својата припадност кон клубот.
На „Јужната трибина“ беше истакнат и транспарент со порака до претседателот на Вардар: „Јужна со порака јасна, оди си свињо гнасна“.

„Комитите“ уште пред почетокот на натпреварот најавија протест против претседателот на клубот, Миленко Неделковски. Во текот на мечот повеќепати скандираа „Оди си Миленко“, барајќи негово заминување од Вардар.
„Полн стадион против Управата на чело со Миленко Неделковски. Комити и Вардарци обединети против злото кое мора да замине ВЕДНАШ! Голема благодарност до сите кои ја застанаа зад одлуката на групата и вечерва испратија јасна порака: УПРАВА ОДИ СИ! Од овој момент започнува бојкотот и нашиот целосен фокус се насочува кон РК Вардар и ги повикуваме сите да го направат истото! Само сплотени може да го истераме ова зло, само обединети ЗА КЛУБОТ НА НАРОДОТ!“, се наведува во една од објавите на официјалната Фејсбук страница на „Комити“.
Исто така, пред неколку дена во вечерните часови на повеќе места низ Скопје беа поставени и транспаренти со „Свињо оди си“ и „Свињо мрш од Вардар“.