
Туристи од Македонија преживуваат вистинска голгота на враќање од Истанбул. Како што дознва Скопје Инфо, 50 патници, вклучувајќи бебиња и стари лица, оставени се на автопат во Грција повеќе од 14 часа, без вода, храна и основни услови за безбедност.
„Никој не доаѓа да им помогне“, вели патник за Скопје Инфо.
Според информациите до кои дојде Скопје Инфо, станува збор група патници кои патуваат од Истанбул кон Македонија со автобус на агенцијата: ГАНИЌ ЕКСКЛУЗИВ.
„Автобусот се расипа во Турција и таму чекавме 5 часа за поправка. Не ни беше пружена никаква помош, а мајсторите изјавија дека автобусот не е безбеден за возење. Сопственикот на агенцијата, Армин Ганиќ, ги принудуваше патниците да се качат во неисправниот автобус, кој имаше проблем со моторот и течеше вода. Деца и бебиња плачеа, а стари лица едвај се движеа. Сопственикот ни се закануваше дека ако пријавиме, ќе бидеме оставени на пат и нема да можеме да пристапиме во нашата родна Македонија“, сведочи патникот кој сакаше да остане анонимен токму поради овие причини.

Според информациите, на границата со Турција, автобусот бил во ризична состојба – моторот прегревал, течела вода, патниците биле преплашени!
„За секои 10 километри шоферот мораше да застанува за да лади моторот. По преминување на границата во Грција, автобусот целосно се расипа. Сега патниците чекаат повеќе од 14 часа на студено, без вода и храна, на автопат“, вели сведокот за Скопје Инфо.
Сведокот исто така додаде дека меѓу нив има бебиња и мали деца кои веќе се разболени и имаат температура.
„Мало девојче кое има помалку од 2 години, кое плачеше целиот ден и почна да повраќа. Стари лица кои едвај се движат и имаат здравствени проблеми, луѓе кои не можат да стојат од исцрпеност, а нема каде да се скријат од студот. Ситуацијата е критична и секоја минута е ризик за животот на патниците“, сведочи патникот за хоророт низ кои минуваат.
Патниците бараат итна јавност и помош за да се реши оваа ситуација и да се преземат мерки против агенцијата. Велат дека Агенцијата мора да биде одговорна за овие сериозни прекршувања и опасности кои ги загрозуваат патниците.
Од „Ганиќ Ексклузив“ ги негираат овие тврдења. Од компанијата за Скопје Инфо посочија дека информациите не биле претставени точно и оти создаваат непотребна негативна слика за компанијата.
„Дефектот кој настана беше технички и брзо беше надминат. Имаме и видеа и фотографии кои покажуваат дека патниците веднаш по санирањето на проблемот продолжија со патувањето, расположени, насмеани, дури и со музика и забава во автобусите,“ велат од „Ганиќ Ексклузив“.
„