Фото: Како се градеше хидроцентралата на Матка?

Д-р Миладин Пеќинар е идејниот автор на проектот, кој истовремено во целиот тек на изградбата е и главен надзорник.

Во 1930 година, градоначалникот на Скопје, Јосиф Михајловиќ, формирал комисија од истакнати стручни лица, со цел да се најде извор на евтина електрична енергија за Скопје. Комисијата предложила да се изгради брана на реката Треска, а следната година, банската управа ја прифатила иницијативата.

Градежните работи на браната започнале во 1935 година, а хидроцентралата започнала со работа во 1938 година.

Таа е нераскинливо поврзана со развојот на главниот град. Архитектот ги видел убавините на кањонот и се потрудил да не уништи ништо од нив.

Изградбата била обемна и бил колективен потфат, капитален проект на своето време, но најзаслужен за нејзината изградба е проф. Д-р Миладин Пеќинар идејниот автор на проектот, проектант и човекот што вршел надзор на изградбата. Кога браната била готова Пеќинар застанал на нејзиниот врв и извикал: „Ако отиде браната нека отиде со неа и тој што ја замислил“.

Браната е единствена ваква во светот. Таа е во облик на лак, а прстените во неа се независни еден од друг така што ако тие пукнат не може да се случи хаварија.

Нејзиниот капацитет бил 5 пати поголем од потребите на Скопје во тоа време.

Оваа хидроцентрала во голем дел го има овозможено растот и развојот на Скопје во XX век.

За време на Втората светска војна токму ХЕЦ Матка била еден од стратешките објекти околу која се воделе битки. Таа била цел на бомбардирање во текот на воените операции, при повлекувањето на фашистичките сили. Дури имало и обид за нејзино минирање но, група партизани херојски ја одбраниле Матка.

Браната на хидроцентралата Матка неколку пати го спасила и Скопје од поплави и тоа за време на големата поплава во 1962 година и во 1979 кога браната задржала голема количина на вода и придонела за спречување на поголеми катастрофи.

Краток осврт кон музејот

Во 2008 година веднаш до неа ЕВН Македонија изгради нова хидроцентрала со двојно зголемен капацитет. Како резултат на оваа промена, а знаејќи го значењето на старата зграда за Скопје и Македонија, во неа ЕВН реши да направи изложбен центар кој посетителите на интерактивен и забавен начин ќе ги информира за историјата, производството и потрошувачката на електричната енергија.

Идејата за создавање на еден ваков простор, произлезе од менаџментот на ЕВН Македонија. Тие сакаат да направат нешто од старата зграда на Хидроцентралата Матка, што ќе биде полезно за заедницата во поширока смисла на зборот. За да се реализира идејата беше создаден поголем тим од луѓе од различни области.

Беа направени неколку предлози на почетокот за тоа како да изгледа идниот Изложбен центар Матка, при што најмногу се водеше сметка да не се наруши автентичниот изглед и функционалност.

Еден од учесниците во проектот за музејот - Сите инволвирани во проектот, го почнавме со голем ентузијазам и времето за истражување беше релативно кратко, така што дел од истражувањето се работеше паралелно со изработката на проектот, особено кога се интервенира на стар објект, за кој нема оригинален проект. Предизвиците беа бројни, особено изработката на новопроектираниот конзолен галериски простор, како и сосема новата намена на објектот – од енергетски прерасна во едукативен центар.