
Царинската управа денеска информираше за спречен обид за криумчарење на 2.000 килограми фалсификат прашок за перење на алишта, штетен по здравјето на граѓаните и на животната средина.
„Царински службеници од ЦИ Тетово спречија обид за криумчарње стока која била натоварена во Турција и наменета за увозник од Скопје. Станува збор за 2000 килограми, или 200 вреќи од по 10 килограми прашок за перење алишта со трговска марка Ариел која ги повредува правата од интелектуална сопственост“, информираа од Царинската управа.

Од таму посочија дека преку одделението за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост при Царинската управа известен бил правниот застапник на носителот на правото кој потврди дека предметниот прашак „АРИЕЛ“ е фалсификат и со тоа ги повредува правата од интелектуална сопственост заради што е согласен за уништување на стоката.
Додадоа дека против сторителот, по спроведување на постапка, ќе биде поднесена соодветна пријава.
„Секојдневните заложби на царинските службеници во сузбивање на нелегалната трговија и шверцот е многу важно со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување криумчарење на производи коишто се штетни за здравјето на граѓаните, како и заштита на животната средина од загадување предизвикано од неконтролиран хемиски состав, порачаа од Царинската управа.