Форуми и интернет статии за ин-витро не се стручна литература и место за собирање мислење и искуства, вели Христов која е одговорна на инвитро лабораторијата при Ре-Медика

Стерилитетот, инфертилитетот, ин-витро оплодувањето се една комплексна тематика за која несомнено најдобар и најверодостоен  одговор имаат стручните лица. 

За оваа проблематика, која несомнено засега голем број парови во земјава, стручни одговори од прва рака побаравме од Даниела Христов, дипломиран молекуларен биолог-сениор ембриолог, одговорна на инвитро лабораторијата при Ре-Медика. 

- Форуми и интернет статии за ин-витро не се стручна литература и место за собирање мислење и искуства, бидејки инфертилитетот е мултифакторна состојба која е индивидуална и специфична за секој пар, вели таа. 

Сѐ повеќе парови се соочуваат со неможност да се остварат како родители, односно да добијат пород. Кој е првиот совет за нив и кој е првиот преглед кој препорачувате да се направи во ваков случај?

Иако претходно се сметало дека инфертилитетот е проблем кој главно e поврзан со возраста на пациентите, денес сѐ повеќе млади парови се соочуваат со таа реалност. Тоа се должи пред сѐ на поголемата достапност на информации, но се разбира и брзото темпо на живот, квалитетот на храната, воздухот и секојдневниот стрес. Инфертилитетот по дефиниција претставува неможноста да се постигне бременост со контролирана овулација во период од една година. Меѓутоа, и во овој случај важи правилото дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Затоа, мора навремено да станат свесни за постоењето на ваков проблем.

Не смееме да дозволиме инфертилитетот да биде табу тема, бидејки раната дијагностика и брзата интервенција некогаш може да го спречат инфертилитетот. Без разлика дали парот размислува за формирање семејство или сѐ уште не се во тој стадиум од животот, потребно е да направат анализи за женското и машкото репродуктивно здравје. Жената, освен основните анализи – гинеколошки преглед, ПАП и микробиолошки брисеви, може да направи тест за ниво на репродуктивни хормони на трет ден од циклус (Естрадиол, ФСХ, ЛХ, Пролактин), Аnti-Mullerian хормон (АМХ) како индикација за оваријални резерви и ХСГ- тест за проодност на каналите како информација за можноста за природно зачнување. Мажот треба да направи спермограм – тест за евалуација на квалитетот на семенскиот материјал и спермокултура како анализа која би исклучила постоење на инфекција.

Ова се основните чекори кон дијагноза и патокази за понатамошно решавање на потенцијалниот проблем со инфертилитет. Потребно е само соочување со проблемот, тргнување по тој пат и верување на експертите кои имаат една иста цел како пациентите – да се остварат како родители.

Инфертилитетот означува неспособност бременоста кај една жена да се одржи докрај. Што кога се дијагностицира оваа состојба? Кои прегледи и интервенции се препорачуваат во овој случај генерално или, сепак, за секој пациент има посебни насоки и индивидуален пристап?

Еден друг поглед на дефиницијата за инфертилитет е неможноста да се износи до крај жив и здрав плод. Причините за оваа состојба не зависат од тоа дали бременоста е резултат на работа во ин-витро лабораторија или настанала по природен пат. Секоја бременост е различна и потребен е индивидуален пристап, но редовните прегледи кај гинеколог, консултациите за дополнителна терапија и рутинските микробиолошки и крвни анализи можат да помогнат во дијагностицирање на евентуалните аномалии на анатомијата на репродуктивниот тракт како проблем и нивна превенција.

При повторливи неуспеси за износување на плодот, се препорачуваат дополнителни тестирања кои би дале подетална информација за проблемот. Тука препорачуваме изработка на кариотип за двајцата партнери – тест за основна евалуација на генетскиот материјал. Плодот го наследува подеднакво генетскиот материјал, како од мајката, така и од таткото. Ова значи дека било какви промени во генетскиот материјал на родителите би се одразиле директно на детето. Во зависност од сериозноста на промените, тие можат воопшто да не влијаат на процесот на инфертилитет или пак да се директна причина за создавање на генетски нестабилни ембриони кои престануваат со раст и развој. Другата анализа која ја препорачуваме е изработка на генетски тест за тромбофилија, кој би дал информација за активноста на факторите за коагулација што се многу важни во бременоста. Во зависност од резултатите, се координира соодветна терапија од трансфузиолог пред и до крај на бременоста.

Чести ли се компликациите при постапката за ин-витро оплодување и постојат ли ризици по здравјето? До која возраст кај жената се препорачува овој начин на оплодување?

Со оглед на тоа што станува збор за хормонална стимулација и интервенција со краткотрајна целосна анестезија, ризикот за компликација постои, но е сведен на минимум. Прегледите кај ординирачкиот доктор пред ин-витрото ја намалуваат можноста за компликации од примањето на хормонската терапија. Една таква компликација е хиперстимулација, односно продолжена активност на јајниците и создавање на фоликули, дури и по завршување на интервенцијата. Оваа компликација настанува како одговор на хормонската стимулација и е индивидуална кај секоја пациентка. Одредена доза на терапија кај една пациентка може да создаде неколку фоликули, кај друга – да направи хиперстимулација. Во ваков случај се применува “Freeze all” протокол, односно криопрезервација на сите ембриони и нивно трансферирање во следен циклус. Поради сензитивноста на постапката, ин-витрото е строго законски регулиран процес при што законите се различни во различни држави. Нашиот закон за биомедицинско потпомогнато оплодување нема ограничување во однос на возрасната граница на пациентите кои поминуваат низ овој процес.

Единствен ограничувачки фактор е фактот дека јајце-клетката која што се оплодува е возрасна колку и самата пациентка. Уште во ембрионалниот развој на жената, во ткивото на јајниците се создаваат и остануваат во незрел стадиум сите јајце-клетки кои жената може да ги произведе во животот. Во пубертетот, под дејство на активноста на репродуктивните хормони, еднаш месечно при процесот на овулација, во јајниците започнува да се создава водечки фоликул во кој се дозрева една јајце-клетка до зрел стадиум спремен за оплодување. Од една страна, бројот на јајце-клетки константно се намалува до целосно исцрпување и влегување на жената во менопауза. Од друга страна, со возраста на пациентката, активноста на репаративниот апарат на генетскиот материјал се намалува, а дополнително влијаат и надворешните фактори, како што се: стрес, токсини, вируси, бактерии и зрачење, кои го оштетуваат ДНК-та на клетката. Со тоа, се зголемува шансата за создавање на генетски нестабилен ембрион, кој може да прекине со раст и развој.

Поради ова, во некои држави постојат возрасни ограничувања за пациентите кои се во процес на ин-витро, и тоа само во однос на годините на жената, но не и на мажот. Активноста на ткивото на тестисите се намалува со годините и бројот на сперматозоидите може да се намали, но не до целосно негово исцрпување. На секои 24 до 48 часа, од ткивото се создаваат нови сперматозоиди кои имаат нов генетски материјал и одличен потенцијал за оплодување. Ова ги прави мажите репродуктивно активни скоро целиот животен век.

Кои се три клучни совети до кои треба да се придржуваат пациентите при овој процес?

● Побарајте одговор за сите дилеми и споделете мислење во однос на процесот, терапијата, потребните анализи, документацијата, исхраната и животот пред, за време, на и по ин-витро постапката, од стручните лица кои ве водат низ постапката – доктор-гинеколог специјалист за инфертилитет, медицинска сестра и ембриолог/андролог. Форуми и интернет статии за ин-витро не се стручна литература и место за собирање мислење и искуства, бидејки инфертилитетот е мултифакторна состојба која е индивидуална и специфична за секој пар.

● Направете ги сите испитувања и тестови кои докторот и ембриологот ги бараат од вас, бидејки може да се добие важна информација за причината и насока за решавање на проблемот со инфертилитетот.

● Опуштете се. Колку и да звучи и изгледа страшно, комплицирано и стресно, нека ви е јасно дека не сте единствени кои поминуваат низ таква постапка. Не сте сами во болката и вие сте во сигурни раце на стручен тим кој има иста цел со вашата. Можеби ќе биде лесно, можеби не, но не успеале само тие што се откажале.

Колку често треба да се јавува на преглед пациентката која го отпочнала процесот за ин-витро оплодување?

Пред одредувањето на терапијата, претходат консултации и прегледи за добивање на целосна слика за случајот и правење шема за соодветната терапија, која пациентката почнува да ја прима од прв до трет ден од менструален циклус. По пет дена примање на терапија, пациентката се појавува на прва фоликулометрија – преглед кој има за цел да го процени одговорот на пациентката на хормоналната терапија. Во зависност од нивото на тестираните репродуктивни хормони, бројот и големината на фоликулите, се координира остатокот од терапијата. По 4-5 дена, пациентката се појавува на втора фоликулометрија, кога повторно се мери бројот и големината на фоликулите и нивото на хормоните.

Во зависност од видот на терапија и дозата, може да биде потребна уште една фоликулометрија или може пациентката да се закаже за пункција на фоликули и почеток на постапката за ин-витро оплодување – вадење на јајце клетки, оплодување на јајце-клетки и трансфер на ембрион.

Кога и зошто се препорачува замрзнување на јајце-клетки?

Како што споменав претходно, со возраста на пациентката се намалува бројот и квалитетот на нејзините јајце-клетки и затоа се препорачува замрзнувањето да се направи што порано. Има две причини за замрзнување на јајце-клетки: првата е социолошка – кога пациентката сѐ уште не се чувствува подготвена за остварување како мајка и решава да криопрезервира јајце-клетки кои би ги користела доколку има потреба во подоцнежни години, кога би сакала да се реализира како родител.

Втората причина е медицинска – разни болести и тумори на организмот, пост-оперативни третмани и терапии можат да доведат до намалување на бројот и квалитетот на јајните клетки, при што се пристапува кон советување за нивна превентивна криопрезервација, со цел да се избегне состојбата на прерано влегување во менопауза. Без разлика која е причината, процесот на криопрезервација го стопира времето за замрзнатите јајце-клетки, при што потенцијалот за оплодување и развој во здрав ембрион останува ист како на дента на замрзнување дури и доколку се одмрзнат после многу години.

Клучна е меѓусебната доверба лекари-пациенти. Каков е вашиот пристап при решавање на ова прашање, со оглед дека станува збор за интимен проблем, кој многу често е и пропратен со психички товар?

Довербата се стекнува постепено и среќна сум што пациентите тоа можат да го препознаат. Ин-витро процесот е многу комплициран во однос на документација, шеми за терапија и сензитивност на темата, но пациентите имаат телефонски броеви од сите во стручниот тим и ние сме во постојана комуникација за стравовите и нејаснотиите. Најпрво, преплашени се и збунети, но постепено разбираат дека имаме иста цел, долгогодишно искуство и големо познавање од областа, за на крај, целосно да се препуштат во наши раце.

Кога исходот е негативен, тагата и разочарувањето се заеднички, но ги бодриме пациентите за собирање нови сили и разгледуваме други опции за различен пристап на проблемот. Резултатите од тестот за бременост, солзите-радосници, прегратките за благодарност и сликите од родени здрави бебенца се круната на нашата тимска работа и стимул за нови борби и многу задоволни родители.