„Форми“: мали магнети за големи креации!

Годинава, во рамките на традиционалното годишно издание на Skopje Design Week, кое се одржува до 27-ми ноември во „Јавна Соба“, ќе имате можност одблизу да се запознаете со светот на „Форми“.

Македонски бренд, кој за прв пат се појави на нашиот пазар кон почетокот на годинава, а сега веќе се насочува и кон меѓународен пласман преку овозможување на онлајн продажба на својата интернет продавница.

„Форми“ е едукативна, рекреативна, но пред сè забавна играчка. Малите магнетни топчиња нудат безброј можности за креирање на едноставни и комплексни 3D конструкции. Единствената граница е фантазијата. Користењето на „Форми“ од една страна го поттикнува логичкото размислување и интуитивната перцепција, а од друга неизбежно ја буди креативноста. Уште еден важен аспект е можноста за канализирање на стресот на позитивен начин, но и продуктивно „убивање” на досадата.

Во рамките на изложбениот простор на Skopje design Week, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со брендот и играјќи си со „Форми“ да ја предизвикаат својата имагинација, да ја поттикнат работата на мозокот на забавен начин или едноставно да се релаксираат.