Фонтаната на „Бојмија“ повеќепати вандалски се оштетува

Фонтаната на улицата „Бојмија“, на малиот плоштад меѓу кулите, повеќепати била вандалски оштетувана, соопштуваат од О. Аеродром.

Оттаму реагираат на вестите дека истата не била квалитетно изработена, па поради тоа во повеќе наврати се работело на нејзино уредување и санација. Всушност, објаснуваат, повеќепати имало насилни оштетувања на делови од фонтаната. 

Последен таков случај е сензорот за полнење и истекување, кој бил скршен, па водата претекувала од коритото. 

„Деновиве е оштетен кабелот со сензор што дава сигнал до каде да се полни фонтаната со вода и токму поради тоа, водата истекува надвор од коритото. Водата во моментот е запрена и се врши санација на оштетувањето. Претходно беа оштетени две дизни на гејзери со што исто така се нанесе сериозно оштетување на фонтаната во овој парк“, се вели во соопштението на Општината. 

Тие реагираат и на обвинувањата на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за наводните суми потрошени за конкретната фонтана:

„Во интерес на јавноста повторно соопштуваме дека фонтаната, на која посочува ВМРО-ДПМНЕ, чини 40 илјади евра. Сумата опфати поставување модерен и софистициран систем со иноксни прстени, различен тип на млазници, дел од нив се со вертикално прскање, дел со пена, некои се со водена прашина, како и осветлување на фонтаната со цела нова машинска инсталација и синхронизирање на светлото  и течењето. Ова е придружено со нова електрика и нов систем за довод на вода, како и целосна реконструкција на бунарот за вода, кој беше во запуштена состојба.“

„Паркот Бојмија, кој е составен од повеќе дела, е изграден на транспарентен начин и јавноста беше во континуитет информирана за градежните активности, како тие се одвиваат и колку чини секој дел одделно. Вкупната вредност на паркот изнесува 411.000 евра без ДДВ, а целата документација е јавно достапна на страницата на Бирото за јавни набавки“, додаваат од О. Аеродром 

„Инаку, Општина Аеродром јавно ја повика Државната комисија за антикорупција да ги провери сите документи. Воедно и наведовме дека Државниот завод за ревизија ја предвидел Општината за ревизија во Годишниот план за ревизија за 2021 година. Така што, наскоро ќе излезе на виделина и вистината во делот на законитоста, веродостојноста и квалитетот на сите проекти на Општината и јавноста ќе има можност да ја согледа разликата“, се вели во соопштението.