Фондот за здравство ветува дека лекови нема да снемува на половина месец

Фондот за здравство крати од големите и им дава повеќе пари на помалите аптеки. Од Нова година стапува на сила нова распределба на квотите за лекови на рецепт.

Од Фондот уверуваат дека нема да има фаворизирање ниту недостиг на лекови уште во првите денови од месецот.  Максималниот износ на квота по аптека ќе биде 650.000 денари, а правен субјект со 2 или повеќе аптеки нема да добиваат финансиска помош од државата поголема од 10 проценти од месечниот буџет на ФЗОМ наменет за лекови.

-Досега само едно правно лице располагаше дури со приближно 20 проценти од буџетот за лекови на Фондот. Со овој потрег се намалува можноста за стекнување и одржување на доминантна позиција на пазарот, изјави Ден Дончев, директор на ФЗОМ.

За да не се шетаат граѓаните од Фондот велат дека ако иста фирма има повеќе аптеки во ист град може да ја искористува квотата во сите аптеки, ако некаде не е потрошена.

-За да нема тактизирање од аптеките, се воведува фиксна маржа од вкупната месечна квота по аптека. Со тоа се укинува досегашниот скалест систем кој ги дестимулираше аптеките да издаваат поскап лек, а ги стимулираше да издаваат лекови со пониска вредност, додаде Дончев.

Аптеката ќе добие бонус од 10 проценти на квотата, ако во текот на месецот 20 отсто од лековите ги издаде без доплата само со основната партиципација. За ова забележува Фармацевтската комора, од каде сметаат дека е тешко остварливо.

-Многу малку од аптеките ќе можат да го исполнат, пациентите се навикнати на одреден лек и не зависи од фармацевтите кој лек ќе оди без доплата, изјави Бистра Ангеловска, претседател на Фармацевтската комора.

Од 1 јануари околу 500 аптеки ќе добијат рамномерно зголемување на квотите по само 20.000 денари. Ако една аптека не ја потроши квотата истата ќе и биде намалена. Порамнување ќе има 2 пати годишно во јули и декември.