
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски информираше дека денес, заедно со амбасадорот на Франција, Н.Е. Кристоф Ле Риголер, директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер, и директорот на Фондацијата „Скопје ЕПК 2028“ Марјан Цветковски, го означиле почетокот на, како што вели, едно значајно стратешко партнерство со потпишувањето Меморандум за соработка меѓу Фондацијата и Францускиот институт, под високото покровителство на Град Скопје.
„Со ова партнерство отвораме врати за заеднички уметнички продукции, размена на уметници и експерти и развој на културните и креативните индустрии. Создаваме простор нашите творци да се поврзат со европската културна сцена, а скопјани да добијат нови, квалитетни и достапни културни содржини“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека посебно ќе се посветат на соработката со Бурж, со кој во 2028 година Скопје ја споделува титулата европска престолнина на културата, како и на можноста за реализација на „Француска сезона во Скопје 2028“.
„Градиме мостови меѓу нашите градови, нашите уметници и нашите култури, со амбиција тие врски да траат и долго по 2028 година. За мене, успехот на Скопје 2028 ќе се мери и со можностите што ќе ги создадеме за младите, со поддршката за нашите уметници и со културата што ќе стигне до секој граѓанин. Сакам оваа титула да остави трајна вредност во животот на нашиот град“, нагласи градоначалникот.
Воедно Ѓорѓиевски упати благодарност до амбасадорот Ле Риголер, Францускиот институт и сите партнери за довербата и поддршката.