Фон дер Лајен во Македонија: Земјата заслужува да оди напред

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на вчерашната средба со македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, ја нагласи јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ, за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздрави значајниот прогрес постигнат во рамките на планот за раст потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред.

Од кабинетот на Сиљановска-Давкова соопштија дека на средбата претседателката ја реафирмирала посветеноста кон исполнувањето на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ.

Урсула фон дер Лајен, пак, разговорот го почнала со изразување отворен интерес на ЕУ за Западен Балкан поради неговата природна европска припадност во географска, историска и културна смисла, но и поради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани.

Сиљановска-Давкова на средбата рече дека очекува помош од Унијата во пронаоѓањето излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции и изрази спремност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори.