Фолклорна смотра на македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент

Под мотото „Македонските фолклорни ансамбли во чест на Свети Климент Охридски“ утре во центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе се одржи Регионална фолклорна смотра во организација на Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија – СОФАМ, а под покровителство на Општина Охрид.

На смотрата, како што соопшти организаторот, ќе се претстават 15 фолклорни ансамбли од Западна Македонија, кои ќе презентираат дел од својот програмски репертоар.

-Сценските изведби ќе ги набљудува уметничкиот совет на СОФАМ, а присутна ќе биде и претседателката на СОФАМ и ЦИОФФ Македонија, Мирјана Мирчевска, редовен професор на институтот за етнологија и антропологија во Скопје. Пред почеток на концертот, сите фолклорни ансамбли ќе продефилираат низ Охридската чаршија, а претставници на ансамблите ќе се поклонат и положат цвеќе на споменикот на Свети Климент на Градскиот плоштад, стои во информацијата.

Фолклорните смотри се редовна програмска содржина на СОФАМ и се одржуваат секоја година во западниот, источниот и скопскиот регион на земјава со учество на сите македонски фолклорни ансамбли кои се членки на Сојузот.

Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија, според соопштението, е единствен во земјава од ваков вид и е член на Светската и европска фолклорна асоцијација.