Фокус: СДСМ потрошила 16.000 евра за билбордите со Мицкоски

Владејачката СДСМ потрошила 16 илјади евра за 25-те билборди кои ги нарача против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во екот на јавната војна што се водеше меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партија којашто ја поддржа нејзината кандидатура, пишува Фокус

Од СДСМ за „Фокус“ изјавиле дека за плаќање на билбордите не користеле буџетски пари, кои им следуваат на партиите, туку ги платиле од други извори. 

-За вистината којашто скопјани многу добро ја знаат, а СДСМ ја покажа на 25 билборди, партијата не користеше буџетски средства туку свои извори на финансирање, членарина и донации. Согласно Законот, партиите се финансираат и од чланарина и од донации. Сумата за билбордите е во рамките на можностите на партијата, околу 16 илјади евра (помалку од 1.000.000 денари), велат од СДСМ за „Фокус“.

Билбордите кои осамнаа викендов низ Скопје се изнајмени за околу еден месец, поточно за период од 17 септември, кога беа поставени, до 14 октомври.Тоа значи дека партијата еден билборд го платила по 650 евра.

На нив имаше слика на Мицкоски и прашање „кај е шпицниот градоначалник“, а слики од билбордите беа објавени прво на социјалните мрежи.

„Пари, тендери и бизнис интереси на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ли се кавгите во Град Скопје. 136 милиони евра“, пишуваше на билбордот.

Првично не се знаеше кој ги нарачал, дали Арсовска или некој друг, бидејќи токму таа го нарекуваше Мицкоски, шпицен градоначалник.