ФК Вардар апелира на фер и спортско навивање

На пет дена до почетокот на натпреварот со Динамо Загреб во квалификациите за Лигата на шампионите, македонскиот фудбалски шампион Вардар се огласи со повик за фер и спортско навивање.

– ФК Вардар ги повикува своите верни навивачи како и до сега, да им бидат поддршка на играчите во „црвено-црни“ дресови во текот на целиот натпревар. Воедно, апелираме на воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, секакво насилство и фрлање предмети на терен. Единствено со фер, спортско и коректно навивање покажуваме почит кон нашиот тим и уживање во неговите настапи, апелираат од Вардар.

Во повикот навивачите да ја исполнат Арената „Филип Втори“ од таборот на македонскиот шампион потсетуваат на успешните игри на Вардар против хрватскиот шампион во минатото.

– Постарите генерации ќе се потсетат на триумфот на македонскиот шампион над хрватскиот првак пред 30 години. Помладите ќе бидат сведоци на уште еден предизвик за победа на Вардар. На нашите играчи ќе им биде потребна голема помош од трибините, во обид да стекнат предност пред реванш натпреварот во Загреб, закажан за 20 јули. Ве повикуваме да дојдете на „Филип Втори“ и заедно да уживаме во настапот на нашите првотимци, се вели во соопштението на „црвено-црните“.

Вардар во вторник (12 јули) на Национална Арена „Филип Втори“ со почеток во 20:45 го пречекува Динамо Загреб во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите.