Фитосанитарните политики и менаџментот на води области во кои може да се интензивира соработката со Црна Гора

Интензивирање на соработката, подобра размена на стоки и услуги, како и заедничко решавање на прашањата кои ги тангираат земјоделствата на двете земји, договорија  денеска ресорните министри на Северна Македонија и на Црна Гора, Арјанит Хоџа и Александар Стијовиќ.

Меѓу двете држави, истакнаа Хоџа и Стијовиќ, нема отворени прашања, но целта е подигнување на соработката на уште повисоко ниво, меѓусебно помагање и разменување искуства на патот кон ЕУ.

Според министрите, фитосанитарните политики и менаџментот на води се само некои од областите во кои соработката може да се интензивира.

-Имавме пријателски, отворен  рагзовор од интерес за двете земји. Целта беше унапредување на положбата на земјоделците и реализирање зеднички активности за подобра размена на стоки и услуги меѓу двете држави согласно потпишаните договори. Во некои области ние, а во други Северна Македонија е отидена понапред. Соработката на овој начин ја подигнавме на повисоко ниво кое ќе резултира, се надеваме, со уште подобри резултати за граѓаните на двете држави, рече Стијовиќ по работната средба со Хоџа.

На заедничката прес-конференција во МЗШВ, Хоџа дополни дека предизвиците може да се надминат со разменување идеи и практики.

-Како две пријателски држави, разговаравме за теми кои ги засегнуваат двете страни. Отворивме прашања за фитосанитарните политики, менаџментот на води и политиките за земјоделство. Тоа се областите каде можеме меѓусебно да си помагаме и да соработуваме, рече македонскиот министер.

Високата делегација на Република Црна Гора на работната средба кај Хоџа беше предводена од амбасадорката Ивана Шикмановиќ и министерот Стијовиќ.