
Ваучери во вредност од 12.000 денари за новороденчињата денес додели Општина Кисела Вода на настан посветен на најмладите жители и нивните семејства. Мерката претставува финансиска поддршка за родителите во првите месеци по раѓањето на детето, информираа од Општина Кисела Вода преку социјалните мрежи.
Покрај ваучерите, од Општината посочија и дека секое семејство добило и пакет со основни производи од „Мако маркет“, наменет за мајката и бебето, со неопходни производи за првите денови по доаѓањето на новиот член во семејството.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска порача дека грижата за децата и семејствата започнува уште од првиот ден. Додаде дека финансиски средства се исплатени и за останатите новороденчиња од претходните месеци, за кои исплатата беше оневозможена поради изборниот процес.
„Вашето родителство е почеток на една голема животна одговорност, а нашата обврска како локална самоуправа е уште од самиот почеток да бидеме ваша поддршка. Со оваа мерка испраќаме јасна порака дека Општина Кисела Вода се грижи за своите жители уште од првиот ден, но и дека таа грижа продолжува и понатаму. Обезбедувањето доволен број градинки, подобрени и современи услови во училиштата, како и безбедни и уредени простори за детска игра, остануваат наши клучни приоритети. На сите вас, искрено ви честитам. Ви посакувам вашите деца да растат здрави, безгрижни и среќни, а Општина Кисела Вода да расте и да се развива заедно со нив. Воедно, сакам да ги информирам и сите родители со новороденчиња кои аплицирале во изминатите месеци, а за кои, поради изборниот процес не беше можна исплатата, дека средствата ќе ги имаат на нивните сметки во текот на утрешниот ден“, истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, повикувајќи ги сите нови родители слободно да аплицираат за оваа мерка.
Право на апликација имаат семејствата чии новороденчиња не се постари од 90 дена, а целосната потребна документација која е сосема едноставна, е достапна на веб-страницата на Општина Кисела Вода.