„Finance Think“: Ефектите од царините на САД се мали за македонската економија, притисок ќе почуствуваат странските компании

Директните последици од воведените тарифи од страна на САД кон Северна Македонија ќе бидат доста ограничени. Според анализата на „Finance Think“, ефектите ќе бидат индиректни и неповолни, но нема веднаш да бидат забележливи.

“Нашата трговија со САД е ограничена, главно поради географската оддалеченост. Во 2024 година, извозот во САД претставуваше 1,4% од вкупниот извоз, што е многу мал процент. Од таа гледна точка, директните ефекти од зголемените царини ќе бидат многу мали”, оценуваат од „Finance Think“.

Од таму веруваат дека притисокот од американските давачки ќе го почувствуваат првенствено странските компании кои оперираат во државата, бидејќи речиси 90 проценти од извозот кон САД во 2024 година беше концентриран во 20-тина производи, при што, освен автобусите кои имаат доминантна застапеност, уште неколку производи се поврзуваат со работата на странските фабрики во ТИРЗ-овите. “Сепак, странските фабрики во ТИРЗ-овите се изложени на позначаен индиректен ефект.”

„Тие се дел од глобалните синџири на снабдување, што подразбира дека иако тие извезуваат кон својата фирма-мајка која не е во САД, понатаму фирмата-мајка може да е и изложена кон американскиот пазар. Царините ќе влијаат врз вкупните трошоци на фирмата-мајка, што ќе се одрази и кај нас, во негативни сценарија преку т. н. каскадни ефекти на намалено производство и работни места”, потенцираат од „Finance Think“.

Исто така, се предвидува дека падот на германската економија ќе биде поизразен од просечниот пад на ниво на Европската Унија, што секако ќе има влијание и врз македонската економија, која е во голема мера зависна од трговијата со Германија. Според „Finance Think“, најзначајните последици ќе се почувствуваат во автомобилската индустрија, посебно за електричните возила (EVs), што е исто така од големо значење за земји како нашата, кои се вклучени во автомобилските синџири на снабдување.