Филолошки факултет: Нема да се укине Катедрата за македонски јазик

Од Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска реагираат на изнесените невистини дека истата катедра ќе биде укината.

„Во однос на тврдењата за евентуално укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите, укажуваме дека станува збор за целосни невистини и манипулации. За жал, овие написи доаѓаат токму во годината на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на нашиот патрон и професор, Блаже Конески, и 75-годишнината од основањето на Катедрата за македонски јазик и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Акад. Блаже Конески беше член на нашата катедра од нејзиното основање и поради огромната почит што ја имаме кон личноста и делото на нашиот професор, тој е одбран за патрон на институцијата. Затоа да не дозволиме неговото име наместо да нѐ обединува да нѐ разединува“, се вели во реакцијата. 

Оттаму додаваат и дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност.

„Истовремено ја уверуваме македонската јавност дека доколку некој поединец или институција би се осмелиле да посегнат по интегритетот на Катедрата за македонски јазик, ние сите до еден ќе се заложиме тоа да го спречиме со сите средства и на сите начини“, се додава во соопштението.

Потписници на оваа реакција се: 

проф. д-р Лидија Аризанковска

проф. д-р Славица Велева

проф. д-р Катерина Велјановска

проф. д-р Татјана Гочкова-Стојановска

проф. д-р Анета Дучевска

проф. д-р Марјан Марковиќ

проф. д-р Димитар Пандев

проф. д-р Искра Пановска-Димкова

проф. д-р Марија Паунова

проф. д-р Симон Саздов

проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска

проф. д-р Томислав Треневски

проф. д-р Емилија Црвенковска

доц. д-р Гордана Алексова

м-р Бобан Карапејовски

м-р Бојан Петревски