Поведена е истражна постапка од страна на Јавното обвнителство Гостивар против лице кое пред два дена учестувало во брканица со полицијата на магистралниот пат Маврово – Гостивар. Ова лице се товари за извршило кривично дело „Неовластено изработување, држење и тргување со оружје или експлозивни материи, согласно член 396 став 5 во врска со став 3 од Кривичниот законик“.
Како што соопштуваат од обвинителството се работи за 30-годишен гостиварец, кој на 6 ноември управувал автомобил „Мерцедес –А класа“ по магистралниот пат А2, во правец Маврово-Гостивар.
„Кај асфалтната база – каменолом „Јефута“ полициски службеници му дале знак да застане заради контрола и преглед на возилото. Но, тој не ја почитувал дадената наредба и со голема брзина се упатил кон Гостивар. Полицајците се впуштиле во потера и го следеле со службени возила и во близина на Здуњски мост забележале дека преку прозорот на автомобилот фрлил автоматска пушка. Осомничениот подоцна бил запрен и приведен, а била пронајдена и автоматската пушка со вграден бајонет, чие поседување за граѓаните е целосно забрането, како и рамка со два куршуми со калибар 7,62 милиметри“, се вели во соопштението.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложил на ова лице да му се определи мерка притвор зошто пости опасност осомничениот да се даде во бегство.