Вчеравечер во центарот на Скопје се снимаше една од најефектните филмски сцени за најновиот долгометражен игран филм „Врба“ во режија на Милчо Манчевски, а во продукција на Банана филм.

Во Скопје синоќа падна пороен дожд, вештачки произведен за филмската сцена која се снимаше и во која актерот Петар Мирчевски во улогата на Ставре „доживува сообраќајна несреќа“, по која беше однесен со амбулантно возило во болница.

На сетот покрај режисерот и неговиот посветен тим зад камерите, беа присутни младите актери Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Тино Костадиновски… и секако актерскиот ветеран Петар Мирчевски, кој игра и во претходните четири играни филмови на Манчевски снимени во Македонија.

„Врба“ е љубовен филм за денешни и дамнешни души. Испреплетени приказни за љубов и доверба – од македонското средновековие и од македонската сегашност – се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа.

Во Скопје деновиве се снима современиот, урбан дел од филмот, откако заврши снимањето на делот од 17 век. Режисерот Манчевски на паузата од сетот за медиумите изјави дека штотуку се вратил од 17 век каде што, рече, си поминал многу убаво со ликовите Донка и Милан.

На прашањето зошто избрал љубовна приказна, одговори дека тоа е приказна која посакала да биде раскажана и дека често приказните сами го избираат него, а не тој нив.

„Никогаш не постои ниту само историски, ниту само љубовен или само политички филм. Ако е добар филмот или ако е добар романот, тогаш тие се секогаш повеќе работи во исто време. Секогаш се покомплексни и раскажуваат за различни работи во исто време. Врба е филм, кој долго време го чував во себе, а почна да се дефинира пред 4 години, приказните беа подготвени да се филмуваат мината година, и еве годинава веќе ги снимаме, за догодина филмот да биде подготвен да се прикажува во кино“, изјави Манчевски.

Инаку, шестиот по ред долгометражен игран филм „Врба“ на Манчевски започна да се снима на 25 октомври во близина на прилепското село Крушевица. Во првите неколку недели филмот се снимаше во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец и во Преспанскиот Регион. По девет години, ова е прв филм што Манчевски го работи во Македонија.

Главните улоги во филмот ги играат: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ и други. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември.