Филмот „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски ја освои главната награда на Филмскиот фестивал во Токио

Македонскиот режисер Милчо Манчевски освои значајно меѓународно признание. Неговиот најнов филм „Сестра, брат и шахта“ ја доби наградата Токио Гран при на 39. Меѓународен филмски фестивал во Токио.

​​​​​​​

Наградата е највисокото признание во главната натпреварувачка програма на фестивалот, во која годинава се натпреваруваа 15 филмови. За освоеното признание е предвидена и парична награда од три милиони јени.

Филмот ја имаше светската премиера на 30 октомври, во натпреварувачката селекција на фестивалот. На проекцијата присуствуваа Манчевски, актерите Сара Климоска и Филип Трајковиќ, како и претставници на македонската филмска екипа.

„Сестра, брат и шахта“ е сатирична приказна сместена во современа Македонија. Во центарот се братот Виктор и сестрата Малина, кои живеат на маргините на општеството и се обидуваат да преживеат, меѓу другото, и преку кражба на шахти и бисти што ги продаваат како старо железо.

Ова е уште едно значајно меѓународно признание за Манчевски, чиј филм „Пред дождот“ во 1994 година беше номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм.