Филмот „Ема" снимен од тинејџери во кино „Синеплекс"

Во киното „Синеплекс" утревечер од 19 часот  премиерно ќе биде прикажан долгометражниот филм „Ема", снимен во целост од група македонски тинејџери кои се и главни актери во ова остварување.

Насловниот лик, Ема, го игра Ангела Спировска. Ема е 17-годишна девојка која има желби, очекувања и дилеми како и сите врсници, а нејзините другари и познајници ја заокружуваат нејзина приказна.

Покрај Спировска, улоги во филмот имаат и средношколците Антонио Кухар, Мартин Чичовски, Вања Тројачанец, Оливера Каменаровска, Лина Бојаџиева, Аника Чорбевска.

-Ема сме сите ние и сакаме да се слушне нашиот глас, бидејќи сите ние водиме внатрешни битки. Сакавме да ги покажеме сите стравови и дилеми на младите во денешното општество со сите негови пороци, а кој најдобро може да го направи тоа, ако не ние самите, велат овие тинејџери – автори и главни протагонисти во филмот.

„Ема” ќе има проекции во „Синеплекс" до 10 ноември, а заинтересираните може да направат резервации и на инстаграм-профилот @marvieproductions.