Филмот “Духовите на Исмаел”, по Кан, и во Македонија

Филмот “Духовите на Исмаел”, со Метју Алмарик, Маријон Котијард, Шарлот Геинсбург и Луј Гарел, кој имаше чест да го отвори овогодишниот фестивал во Кан, од денеска 7 декември ќе се прикажува и во градско кино Милениум во Скопје, како и во 3Д кино Битола.

Продолжувајќи ја својата приказна, со брза нарација и позајмувајќи имиња и случувања од своите претходни филмови, режисерот Арноа Десплешин беше одбран да ја претстави домашната продукција на отворањето на јубилејното 70 издание на филмскиот фестивал во Кан.

Исмаел е режисер кој е сред снимање на филм за францускиот дипломат Иван, инспириран од неговиот брат кој можеби е, можеби не е шпион. Борејќи се со уметничкиот блок, несоница и незавршеното сценарио, Исмаел добива повик од таткото на својата поранешна сопруга Карлота.
Карлота е исчезната веќе 20 години и прогласена за мртва и тој го почнува својот живот од почеток со својата нова сопруга Силвија. Но духовите од минатот се враќаат и го опседнуваат умот на Исмаел.

Сценариото за филмот го напиша Арноа Десплешин и Леа Мисус. “Духовите на Исмаел# е емпатично изразување на уметничката визија на Десплешин, исполнето со хумор, мелодраматична музика и фокус кон деталите.