Филипче: Вирусот не е шега, барам разбирање за нашите одлуки

Сите одлуки кои ги донесовме поради пандемијата, а кои се однесуваат на образовниот процес, имаат за цел безбеден образовен процес, им порача министерот за здравство Венко Филипче на наставниците, учениците и нивните родители преку видео – обраќање. Тој ги повика децата да ги почитуваат мерките и со тоа да се заштитат себе си, своите родители и баби и дедовци.
„Пандемијата предизвикана од ковид-19 донесе брза и тектонска промена во образованието каква што не се памети во историјата. Верувам дека за многу од вас, новиот начин на кој се почнува оваа учебна предизвикува чувство на неизвесност. Знам дека многумина сакаат и бараат учењето да се одвива поинаку и искрено сите ги разбирам. Но, како здравствен работник и прв одговорен во битката со пандемијата, барам разбирање и поддршка за сите здравствени одлуки кои ги донесовме во однос на образовниот процес. Секоја одлука е базирана на примарната и најважна цел, заштитата на јавното здравје, заштитата на здравствениот систем и пребродување на кризата. Секоја одлука која ја донесовме е со цел да се обезбеди добар, но и безбеден образовен процес. И ова е единствениот исправен пристап во услови кога нема идеално решение“, рече министерот Филипче.

Според него, мораше да се имаат предвид искуствата од други земји кои дозволија целосно отворање на улилиштата.Во многу земји, како што рече, таквите одлуки се покажаа како исклучително голем ризик, а некаде тоа значеше целосен крах на системот и враќање кон уште посилни рестрикции.

„Верувам дека никој не го посакува ова. Сите добро се сеќаваме каква штета на менталното здравје, економијата и целото општество донесоа рестрикциите. Тие се последното нешто што сакаме да го употребиме и затоа мора да бидеме многу внимателни. Сите ученици кои се враќаат во училишните клупи, нивните родители и наставниот кадар мора да бидат многу одговорни. Дури 600 училишта ја започнаа настават со физичко присуство. Од учениците, родителите и наставниците очекувам максимално и доследно почитување на пропишаните мерки. Од сите заедно зависи дали ќе ја задржиме состојбата стабилна а со тоа и безбедно и квалитетно да ја поминеме учебната година. Драги деца, вирусот не е шега. Можеби за вас е помалку опасен, но е многу поопасен за вашите родители, баби и дедовци. Почитувајте ги препораките, слушајте ги наставниците и штитете го здравјето на сите. Јас верувам во вашата зрелост и одговорност. Вие може да бидете пример за возрасните и за целото општество. Кризата е време во кое созреваме, во кое растеме како одговорни личности. Ви посакувам успешна учебна година“, рече министерот Венко Филипче.