Филипче: Тимовите кои се подготвени ќе почнат со теренска вакцинација, а останатите од понеделник

Тимовите во здравствените домови кои се подготвени ќе почнат денеска со теренска вакцинација во училиштата, а тие на кои им е потребна малку поголема подготовка ќе почнат од понеделник. Може да бидат присутни родителите, а тоа е со цел да се зачува здравјето на тие деца, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Посочи дека сите што не се вакцинирани се во исклучително висок ризик да заболат.

– Нема што повеќе да ни се случи за да укажеме на тоа дека ова е навистина потребно. Починаа три деца кои не беа вакцинирани од кои едното не можеше да биде вакцинирано поради тоа што имаше друга болест. Тоа се тие работи кои сакаме да ги постигнеме, а се должат на подигнување на колективниот имунитет. Што повисок процент на вакцинација, над 96 проценти, 97 проценти е потребно за да има таков колективен имунитет и вакви епидемии да не ни се случуваат, рече Филипче.

Појасни дека пред неколку месеци формирале мултисекторска група и се утврдило дека има позитивни законски прописи кои укажуваат на тоа дека имунизацијата е задолжителна.

– Контрадикторноста беше во делот кој пропишува дека и основното образование е задолжително, меѓутоа, во ситуација на епидемија се знае како се постапува и реагира и во таа насока беа сите наши мерки. Пред два дена се консултирав и со министерот за образование и наука Арбер Адеми и тие наши ставови се координирани. Сега продолжуваме со теренската вакцинација, повторно ќе има средба мултисекторската група за да видиме дали треба да направиме некои законски измени, истакна Филипче.

На новинарско прашање дали приемот на невакцинирани деца ќе биде во форма на забрана или препорака, рече дека тоа ќе биде само забрана, бидејќи само така може да го постигнат ефектот што го сакаат.

Во врска со тоа дали има доволно вакцини во вакциналните пунктови, потенцира дека имало намалување на некои количини, недостиг од некои типови вакцини, но во текот на оваа недела почнала и до денеска треба да заврши дистрибуцијата од новата набавка.

– Во сите вакцинални пунктови има вакцини во доволни количини, додаде Филипче одговарајќи на новинарско прашање пред одбележувањето на Европската недеа на имунизација.

Националниот координатор за имунизација, Александра Грозданова истакна дека во Агенцијата за лекови за МРП вакцината биле пријавени два случаи на несакани реакции и тоа со зголемување на телесната температура и одредени мали болки кои биле очекувани, а за 2018 година вкупно биле пријавени само три случаи.

– Станува збор за исклучително безбедна вакцина која не јавува никаков проблем кај децата, тоа треба да го знаат родителите и да бидат сигурни и во квалитетот и во безбедноста на вакцината, додаде проф. Грозданова.

cheap nike air max 90