Филипче: Скопје ќе има две централни лаборатории за проверка на крв

Севкупно, ќе има осум централни лаборатории, од кои две во Скопје, една на Клиничкиот центар, другата во ГОБ „8 Септември“, по една во Куманово, Штип, Тетово, Охрид и во Струга.

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција го образложи новиот начин на функционирање на лабораториите. Станува збор за централизација на лабораториите, со што, според Филипче, ќе се овозможи подобра услуга за граѓаните, односно за детаљни анализи на крвта луѓето од руралните средини или помалите градови нема да мора да одат во други градови како досега.

„Со новиот начин на функционирање на лабораториите ќе се овозможи транспорт на крвта до една од осумте централни лаборатории, па така граѓаните нема да мора да одат во поголемите градови за детаљни анализи. Севкупно, ќе има осум централни лаборатории, од кои две во Скопје, една на Клиничкиот центар, другата во ГОБ „8 Септември“, по една во Куманово, Штип, Тетово, Охрид и во Струга“, рече Филипче.

Министерот за здравство истакна дека со овој начин на функционирање на лабораториите ќе се заштедат неколку милиони евра и Министерството ќе има контрола на трошоците за тестирање.

Филипче исто така истакна дека ќе се намали бројот на апарати за тестирање крв во државата, кои во моментот се околу 300 на број, а ќе се намалат на 120. Со ова ќе се намали набавката на реагенсите што во моментот ги има премногу и се фрлаат бидејќи не се искористени. Во овие промени во здравството е предвиден и нов електронски систем, преку кој здравствените установи и докторите имаат пристап до сите информации на пациентите во секое време.