Филипче: Се реновира старата градска болница и се работи на проект за изградба на нова во Аеродром

Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово ја посети Специјалната болница за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ каде што целосно е реновиран третиот кат на установата, обновена е фасада, а набавени се и санитетски возила и нова медицинска опрема.

„Завршен е уште еден дел од реконструкцијата на установата, благодарение на проектот на Министерството за здравство, но и бројни општествено одговорни компании. Третиот кат од болницата е целосно реновиран, опремен со нов под, прозорци, кревети, душеци, инсталација на лифт, а обновена е и старата фасада. Ова е зграда што потекнува од 20 години од минатиот век. Благодарение на ангажманот на директорот и целиот стручен колегиум, пациентите добиваат подобри услови за лекување, а вработените подобри услови за работа“, потенцира министерот Филипче и додава дека истовремено интензивно се работи на проектот за нова градска болница, којашто би требало да биде лоцирана во населбата Аеродром.

Установата има и три нови санитетски возила, поради тоа што оваа болница има договор за третман на спортски повреди, заедно со фудбалската федерација, и тие се целосно опремени согласно најсовремени стандарди, информираат од ресорното министерство.

Директорот на специјалната болница, Љубен Арсенков, изрази надеж дека продолжувањето на реконструкцијата, предвидена од страна на Министерството за здравство, во наредниот период ќе доведе до воспоставување на уште повисоки стандарди за лекување на болните, а пациентите ќе бидат позадоволни од условите.