Филипче откри кога матичните лекари ќе го добијат бонусот доколу имаат 70% вакцинирани пациенти

Еднократниот финансиски надомест матичните лекари ќе го добијат на крајот на пролетта или на почетокот на летото следната година врз основа на постигнатиот резултат, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче во однос на најновата одлука на Владата, а тоа е награда од 30 денари за секој пациент за матични лекари кои ќе постигнат над 70% вакцинираност на пациентите.

-Ова е мерка на која лекарите треба да стават акцент и да стапат во контакт со пациентите. Нешто што треба да се спроведе за грижа на пациентите, граѓаните, државата, здравствениот систем...Во некои градови некои лекари веќе го постигнале овој процент на имунизација, рече Филипче.

Тој информираше дека просекот на еден матичен лекар е во просек прикрепени 2.500 пациенти.

Во однос на задолжителната вакцинација за здравствените работници министерот рече дека за сега нема да се спроведува, затоа што, како што рече, не се знае како евентуално би се реализирале казните.

Во однос на спречувањето на пандемијата Филипче вели дека се подготвени да носат и други мерки.