Филипче: Опаѓа факторот на преносливост на ковид во земјава, бројот на заболени се намалува

Нови 120 случаи на Ковид-19 вчера беа регистрирани од направени 1.367 тестирања во претходното деноноќие. Пет лица починаа, од кои по двајца од Скопје и Тетово и еден од Куманово.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 65-годишен пациент. Во ГОБ „8 Септември“ почина 46-годишна пациентка, кај која вирусот е докажано постмортем. Во болницата во Козле е почината пациентка на возраст од 85 години. Во Тетово починаа две лица вон болнички услови на возраст 78 и 76, кај едниот Ковид – 19 е дијагностициран постмортем.

Институтот за јавно здравје регистрира 125 оздравени лица. Со последните статистички податоци, бројот на заразени се искачи на 7.244, на починати 351, а оздравени 3.324. Се уште се активни 3.569 заразени со коронавирусот.

Најмногу активни случаи се во Скопје, со вчерашните 63 инфицирани, вкупно 1.941 случај, најмногу во Чаир 373 Од другите градови најмногу заразени има во Тетово со 373, потоа Куманово со 197, Охрид 180 и Штип 160.

На Инфективната клиника хоспитализирани се 87 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 51 пациенти, нема пациенти на респираторна машина.

Во болницата во Козле се хоспитализирани 27 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19, три деца позитивни и два суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 115 пациенти од кои на респираторна машина се тројца пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 41, а во болницата во Штип се хоспитализирани 47 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 102 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера истакна дека веќе осми-деветти ден по ред паѓа факторот на преносливост, што значи дека бројот на случаи се намалува.

– Од минатата недела има помалку случаи отколку што тоа беше просек трите претходни недели, што значи дека постепено посебно во некои делови во Скопје спласнува ситуацијата. Има спорадични случаи во другите градови. Сето тоа се работи коишто ги земаме предвид кога ги евалуираме барањата во однос на организација и попуштање за некои сегменти на сè уште рестриктивните мерки. Утрово беа претставници на организацијата ХОТАМ коишто побараа да се организираат свадби. Се разгледуваа протоколите коишто тие ги предлагаат, меѓутоа заеднички беше заклучено дека треба да помине уште најмалку една недела, што значи дека за една недела ќе се донесе соодветна одлука за организирање на свадбите, истакна Филипче.

Министерот за здравство потенцира дека одржувањето на изборите не се фактор за одредувањето на рестрикциите. А рестрикции ќе се воведат ако ескалира состојбата.

– Нема никаква индикација да се прави дополнителна рестрикција на движењето со оглед на тоа што паѓа бројот на случаи, рече Филипче.

Министерот за здравство вчера испрати видеопорака дека се преземени сите мерки гласањето на предвремените парламентарни избори да биде безбедно.

– Министерството за здравство, во соработка со другите институции, изготви сигурен и ефикасен протокол за заштита на здравјето на граѓаните при гласање. Сакам од мое лично име и од името на комисијата, да ве уверам дека на денот на изборите ќе биде сосема безбедно да се гласа и со тоа да го остварите вашето граѓанско право. Гласањето нема да биде помалку безбедно од која било друга нормална активност која ја вршиме секојдневно, како одењето во маркет, истакна Филипче.

На вчерашната седница Владата го утврди Протоколот за работа на Дневните центри за деца и лица со попреченост во услови на епидемија на заразната болест КОВИД-19.

На седницата беа усвоени и измени и дополнувања на Протоколот за начинот и условите за организација на настани исклучиво на отворен простор.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев информираше дека досега се констатирани вкупно 27.326 прекршоци за неносење лична заштита на лицето.

ЕУ вчера испрати 65.000 хируршки маски за  Македонија, Црна Гора, Србија и Хрватска.

Освен овие нови 65.000 маски, ЕУ веќе има доставено 370.000 заштитни маски на земји на кои им се потребни.

Внимателно се следи и состојбата во соседните земји, каде што е забележан пораст на новозаразени и доколку е потребно македонските власти најавија и рестриктивни мерки на границите.