Филипче: Наскоро ќе се знае како ќе се финансира изградбата на новиот Клинички центар

Обезбедени се средства за зголемување на дежурствата за лекарите и медицинскиот персонал и за исплата на надоместокот за приватните специјализанти, кои специјализираат на клиниките во Скопје, изјави министерот за здравство Венко Филипче кој присуствуваше на комеморацијата по повод депортацијата на штипските Евреи. 

Во врска со барањето на штипските лекари за исплата на разликата за дежурствата во изминатите три години, со што од Клиничка болница –Штип побаруваат околу 200.000 евра, Филипче вели дека вакви примери има и во другите болници во земјава.

-За многу скоро време ќе ги имаме и точните бројки што се однесува само за штипската болница и ќе знаемем точно за која сума на пари станува збор. Но, тоа не го исклучува овој процес кој веќе почнавме да го правиме, а тоа е, процесот на унифицирање на пресметувањето и и врз основа на тоа зголемувањето на дежурствата за и обичен работен ден, за викенд и за празник- изјави Венко Филипче, министер за здравство

На прашањето зошто доцни изградбата новата клиничка болница во Штип, Филипче вели дека од изведувачите бил информиран дека причина се временските услови.

-Очекуваме дека до крајот на годината веќе ќе биде во значајно напредната фаза-додаде Филипче

Министерот информира и дека се во тек преговори со кредитори и за кратко време ќе се знае како ќе се финансира изградбата на новиот Клиничкиот центар-Скопје, кој ќе се гради во близина на болницата Бардовци.