Филипче му врати на Шилегов: „Удривме во осино гнездо, се обидуваат одвнатре да внесат немир во СДСМ“

По јавниот повик на поранешниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов за негова оставка, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше со објава на социјалните мрежи, во која говори за, како што наведува, „предавничка операција“ и обиди за дестабилизација на партијата одвнатре.

Филипче тврди дека СДСМ открила, како што ја нарекува, „најголемата предавничка операција што се подготвувала“, додавајќи дека таа веќе е потпишана и дека само изборите ја делат од нејзина реализација. Според него, поради тоа се забранувала темата и се упатувале закани со затвор.

Во објавата, лидерот на СДСМ обвинува дека во редовите на ВМРО-ДПМНЕ владее паника, што, како што наведува, се гледа преку секојдневното пласирање лажни вести, измислени афери и случаи со цел да се тргне вниманието од „суштината“.

Филипче посочува дека обидот за нанесување штета на партијата дошол и преку еден член на СДСМ, кој, според него, бил искористен поради лични проблеми, задолженост и уцени, за одвнатре да внесе немир во партиските редови.

„Не го доживувам ова како напад врз мене лично, туку како напад врз целата партија и сите нејзини членови“, наведува Филипче, додавајќи дека медиумите блиски до власта синхронизирано реагирале во рок од половина час.

Тој истакнува дека СДСМ нема да се пресметува со членот кој, според него, бил злоупотребен, нагласувајќи дека партијата ја разбира неговата ситуација и дека нема намера да му одмогне.

„До него е да одлучи на која страна ќе застане“, порача Филипче.

Во завршницата на објавата, претседателот на СДСМ испраќа порака дека партијата е „на патот на правдата“ и дека, како што вели, никој нема да ја запре во намерата да ја одбрани Македонија и да ја врати власта „во рацете на народот“.

Оваа реакција доаѓа откако Петре Шилегов јавно побара оставка од Филипче, што отвори сериозна внатрепартиска дебата и предизвика силни реакции во јавноста и на социјалните мрежи.